Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека актуелниот конфликт на Блискиот Исток би можел да прерасне во глобален судир доколку не биде запрен во скоро време. Во изјава пренесена од украинската агенција Укринформ, Зеленски истакна дека постои реална опасност војната да се прошири и да прерасне во светска војна.
„Ако некој наскоро не ја запре војната на Блискиот Исток, таа би можела да трае многу долго и да се претвори во светска војна“, изјави Зеленски.
Тој оцени дека меѓународната ситуација е исклучително сериозна и дека светот е опасно блиску до нов глобален конфликт. Според него, развојот на настаните во Иран укажува дека кризата нема да се реши брзо и дека постојат поголеми геополитички предизвици.
„Многу сме блиску. Не гледам како операцијата во Иран може да биде брза. Гледам поглобални предизвици. Ако војната не се запре до есен, таа ќе трае долго“, изјави украинскиот претседател.
Зеленски исто така предупреди дека конфликтот би можел дополнително да се прошири доколку во него се вклучат и други големи сили. Тој посочи дека постои можност Русија, порано или подоцна, да испрати свои војници како поддршка на Иран.
Според него, меѓународната заедница во моментов не е доволно подготвена за ваква ескалација. Зеленски смета дека Европа, со исклучок на неколку поединечни држави, нема доволно капацитет брзо да одговори на ваквите безбедносни предизвици.
„Технички, светот не е подготвен за ова. Европа не е подготвена, освен поединечни држави. Германците се многу брзи, но тоа не е доволно. Нема доволно време да се подготвиме за вакви предизвици оваа година“, заклучи Зеленски..