Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев повторно упати критики кон македонските власти, обвинувајќи ги дека институциите вршат притисок и заплашување врз граѓани кои јавно се изјаснуваат како Бугари. Тој ова го изјави во рамки на дебатата за извештајот за стратегијата за проширување на Европската Унија, одржана на пленарната седница на Европскиот парламент.
Во дебатата учествувале четворица бугарски европратеници, кои ги изнеле своите ставови за проширувањето на ЕУ. Извештајот за стратегијата за проширување, усвоен од Комитетот за надворешни работи во јануари 2026 година, предлага одлуките на Советот на ЕУ за отворање и затворање на одделни фази од преговорите да се носат со квалификувано мнозинство, наместо со едногласност. Сепак, конечните одлуки за прием на нови членки и понатаму би се носеле едногласно.
Во документот се нагласува дека проширувањето на Унијата претставува стратешки одговор на променливата геополитичка реалност и значајна инвестиција во безбедноста и стабилноста на ЕУ.
Говорејќи во име на групата на Европската народна партија (ЕНП), Ковачев истакнал дека проширувањето не е само политичка алатка, туку долгорочна инвестиција во стабилноста, безбедноста и просперитетот на Унијата.
„Тоа е доказ дека европскиот модел и натаму е привлечен и има силен трансформативен потенцијал за општествата кои го избираат патот на демократијата, владеењето на правото и европските вредности“, изјавил Ковачев, пренесува бугарската новинска агенција БТА.
Тој ги повикал македонските власти да ги исполнат обврските од Преговарачката рамка и да ги истражат сите случаи на насилство, притисок и дискриминација врз лица кои се декларираат како Бугари. Според него, ваквите случаи стануваат сè почести.
Ковачев се осврнал и на неодамнешниот инцидент во Битола, каде на објектот на поранешниот бугарски културен клуб „Ванчо Михајлов“ биле испишани пораки. Тој побарал случајот брзо, објективно и транспарентно да биде истражен, а сторителите да бидат изведени пред надлежните органи.
Во објава на социјалните мрежи, Ковачев изнел дополнителни обвинувања кон македонските институции.
„Проширувањето е стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на ЕУ и се темели на почитување на демократијата, владеењето на правото и заштитата од дискриминација. За жал, спротивното е она што го прават властите во Македонија. Обвинителството, полицијата и контраразузнавањето (АНБ) спроведуваат редовни операции за заплашување на граѓаните кои отворено се декларираат како Бугари“, напишал тој.
Во моментов, статус на земји-кандидатки за членство во Европската Унија имаат Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Србија, Турција и Украина, додека Косово има статус на потенцијален кандидат.
Гласањето за стратегијата за проширување на ЕУ е закажано за 11 март 2026 година на пленарната седница на Европскиот парламент..