Граѓаните во Македонија се соочуваат со нов бран поскапувања, откако цената на горивата значително порасна, особено дизелот кој поскапе за околу 15 денари по литар. И покрај зголемениот притисок врз домашните буџети, Владата засега не најавува конкретни мерки за ублажување на последиците од растот на цените.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека цените на горивата во Македонија и понатаму се меѓу најниските во регионот и дека во моментов нема потреба од интервенции на државата. Сепак, економските експерти предупредуваат дека ваквиот пристап може дополнително да го зголеми инфлаторниот притисок и да доведе до поскапување на храната и другите основни производи.
Според нив, растот на цената на горивата директно влијае врз транспортните трошоци, што неизбежно се прелева врз цените на храната и останатите производи на пазарот. Во повеќе земји од регионот, владите веќе презеле мерки за да го ублажат ударот врз граѓаните, како намалување на акцизите, ограничување на маржите или воведување привремени субвенции.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ остро ја критикува актуелната политика на Владата, оценувајќи дека одлуката за поскапување на горивата може да има сериозни последици врз економијата и стандардот на граѓаните.
„Не знам дали е до незнаење или до немање волја, но однесувањето на Владата досега е катастрофално. Одлуката дизелот да поскапи за 15 денари е неверојатна и целосно спротивна на тоа што треба да се прави во вакви ситуации. Прво што мора да се направи е замрзнување на цените на храната и енергенсите, за да се спречи нов бран на поскапувања кој потоа тешко се контролира“, изјави Јовановиќ.
Тој потсетува дека слична ситуација имаше и во 2022 година, кога по почетокот на војната во Украина цената на нафтата на светските пазари достигна 120 долари за барел, а подоцна падна на околу 70 долари. Сепак, домашните цени не се намалија, туку продолжија да растат.
Според Јовановиќ, Владата треба итно да ја ревидира одлуката и да ги замрзне цените на горивата и храната на нивото од 1 март, барем во период од еден месец. Доколку кризата и воените случувања продолжат, мерките би можеле да се продолжат и на подолг рок.
„Ако тоа не се направи, ќе се соочиме со нова инфлаторна епизода, слична на онаа од 2022 година“, предупредува тој.
Сличен став има и поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Според него, државата треба да интервенира преку намалување на акцизите, ДДВ и другите давачки за горивата, а доколку е потребно да ги покрие и загубите на нафтените компании.
Хајредини посочува дека фактот што Македонија има релативно пониски цени на горивата во регионот не е резултат на тековната политика, туку на претходни одлуки за намалени акцизи и ДДВ.
Тој исто така изразува сомнеж во оптимистичките прогнози дека кризата ќе биде краткотрајна.
„Се чудам на оптимизмот на премиерот дека кризата ќе трае само три или четири дена и дека нема да има последици. Иран не е Венецуела и не верувам дека војната ќе заврши толку брзо. Економските последици се неизбежни, не само за Македонија туку и за цела Европа“, истакнува Хајредини.
Иако Владата уверува дека државата располага со нафтени резерви, експертите предупредуваат дека тие брзо се трошат и треба внимателно да се управува со нив во случај кризата да потрае.
Во услови на неизвесни глобални економски и политички случувања, аналитичарите сметаат дека Владата треба внимателно да ја преиспита својата политика и да преземе мерки кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните и ќе спречат нов бран инфлација.