Бугарската новинарка Китанова: Во Албанија има повеќе Бугари отколку Македонци

Организацијата „Илинден“ – Тирана го негира постоењето на бугарско малцинство во Албанија, иако тоа е официјално признаено од албанските власти во 2017 година. Ова го изјави новинарката Деница Китанова од сајтот „Актуално“ во емисијата „Бугарија, Европа и светот во фокус“ на Радио Фокус.

Според Китанова, организацијата „Илинден“ – Тирана е слична на нелегитимната организација ОМО „Илинден“ во Бугарија. Иако на својата веб-страница тврди дека ги претставува сите малцинства во Албанија – кои според официјалните податоци се вкупно девет – во практика се фокусира исклучиво на македонското малцинство.

Китанова посочува дека сајтот на организацијата го негира потеклото на Бугарите и постоењето на бугарско малцинство во Албанија, и покрај тоа што ова малцинство беше официјално признато во 2017 година.

„Според пописот од 2023 година, на територијата на Албанија живеат 7057 Бугари, додека Македонците се околу 2000“, истакна таа.

Таа додава дека бугарското малцинство во Албанија ги исполнува и објективните и субјективните критериуми за малцинство, бидејќи има заеднички јазик, традиции и култура, како и право на самоопределување. Сепак, тезата на „Илинден“ – Тирана е дека Албанија го признала бугарското малцинство единствено за да напредува на патот кон Европската унија.

Според Китанова, „Илинден“ – Тирана е албанска организација, но е поврзана со Република Северна Македонија и тврди дека го претставува македонското малцинство во Албанија. Таа посочува и дека Васил Стерјовски, претседател на единствената македонска партија во Албанија, исто така го негира постоењето на Бугари во земјата.

„По признавањето на малцинството во 2017 година и по пописот во 2023 година започна засилена кампања на говор на омраза против Бугарите таму. Тие имаат пристап и до македонските медиуми. Гледаме дека официозот на власта во РСМ ‘Нова Македонија’ ги претставува Никола Ѓурѓај и Васил Стерјовски како жртви и се обидува да ја наметне тезата дека Бугарија е против македонското малцинство и го негира неговото постоење“, нагласи Китанова..