Војната со Иран не само што е непотребна, туку претставува и една од најлошо подготвените американски интервенции во последните сто години. Истовремено, таа создава и геополитички преседан, бидејќи Соединетите Американски Држави за првпат решија да ги заобиколат своите НАТО-партнери при носењето на одлука за воена акција.
Ова е суштинската оценка на поранешниот претседател на Северна Македонија, Стево Пендаровски, за најновата криза на Блискиот Исток. Во интервју за БИРН, тој ги анализира актуелните случувања како поранешен шеф на државата, но и како универзитетски професор кој се занимава со глобална политика и безбедност.
Пендаровски, кој во текот на својата политичка кариера силно се залагаше за евроатлантските интеграции, предупредува дека однесувањето на САД во последниот период станува сѐ потешко предвидливо.
„Ние сега практично ја имаме најсилната држава на светот, чие однесување не можеме да го предвидиме“, вели тој.
Според него, американско-израелскиот воен напад врз Иран ја разоткрил слабоста и аматеризмот на македонската надворешна политика. Причината, како што оценува, е безрезервната поддршка што официјално Скопје ѝ ја дава на американската администрација.
„Тоа е поразителен факт“, нагласува поранешниот претседател.
Во разговорот, Пендаровски се осврнува и на идејата што неодамна се појави во македонската јавност, а која ја промовираше премиерот Христијан Мицкоски. Според таа иницијатива, наводно се разгледува можност Македонија да влезе побрзо во Европската Унија, првично без право на вето од страна на земјите членки.
Пендаровски ја отфрла оваа идеја како нереална.
„Апсолутна небулоза. Таа идеја не доаѓа од Брисел“, дециден е тој, додавајќи дека иако ваквиот предлог можеби звучи привлечно за земјите кандидати, големите членки на Унијата не го поддржуваат.
Нема директна опасност од Иран за Македонија
Во меѓувреме, ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и американско-израелската коалиција предизвикува сериозна загриженост на Блискиот Исток, со ризик во судирот да бидат вовлечени и некои од соседните заливски држави.
Иако Македонија е оддалечена околу 3.000 километри од Техеран, економските последици од конфликтот веќе се чувствуваат. Растот на цените на нафтата и природниот гас предизвика нервоза кај граѓаните, а на дел од бензинските станици се забележани и турканици.
Дополнителна загриженост предизвикаа и информациите за два ирански проектили – едниот што заврши во база на Кипар, а другиот што беше пресретнат од НАТО-системите над Турција. Овие настани отворија прашања дали Иран би можел директно да ги таргетира северноатлантските сојузници.
Пендаровски смирува дека Македонија не се соочува со непосредна воена закана.
„Немаме иманентна опасност на наша територија“, вели тој.
Според неговата проценка, ракетните капацитети со кои располага Иран имаат ограничен дострел и прецизност. Дури и во најекстремен сценарио, објаснува тој, нивниот максимален домет би бил околу 2.000 километри.
„Максимум, зависно од која точка во Иран би биеле, би можеле да стигнат во близината на Софија“, заклучува Пендаровски.