Српски историчар: Македонците се Срби кои ги измисли Тито, а Грците зборуваат српски

Српскиот историчар Жељко Утвар во свое неодамнешно излагање изнесе тврдења поврзани со името на македонската држава, потеклото на македонскиот народ, како и етимологијата на одредени топоними во денешна Грција.

Во својата изјава, Утвар го коментира сегашното име на државата, Северна Македонија, оценувајќи го како „уште посмешно од поранешното име Република Македонија“, потенцирајќи ја градацијата на јужна и северна Македонија. Во однос на идентитетот, тој тврди дека македонскиот народ е создаден од страна на Јосип Броз Тито. Според неговите зборови, Тито „воскреснал и создадел народ од православни Срби со тој дијалект“.

Утвар понатаму се осврнува на историските настани во дваесеттиот век на територијата на денешна северна Грција (која тој ја нарекува Јужна Македонија), наведувајќи дека најжестоките борби на тие простори ги воделе Србите, а не Грците.

Дополнително, тој изнесува тврдења дека одредени топоними во Грција имаат исклучиво српско потекло, додавајќи дека самите Грци не можат да ги преведат нивните имиња. Како примери ги посочува пристаништето Игуменица, кое според него произлегува од српскиот збор „игуменија“, како и градот Козани, кој го поврзува со одгледувањето кози. За населбата Гребена, тој тврди дека потекнува од српскиот збор за чешел, нагласувајќи дека само Србите го имаат тој збор во својот јазик и дијалект..

На крајот од своето излагање, Жељко Утвар посочува на наводни скриени историски докази. Тој тврди дека постојат стари записи на пергаменти кои биле одземени во деветнаесеттиот век, а кои денес се чуваат во архивите во Дубровник, Ватикан, Москва и Санкт Петербург.