Новинарот на порталот „Тетова Сот“ (Tetovasot), Рами Мислими, упати остри критики по неинтонирањето на албанската национална химна на првиот Конгрес на коалицијата ВЛЕН.
Според Мислими, овој потег претставува не само политичка грешка, туку и симболичен удар врз албанскиот идентитет. Тој упати директни обвинувања кон лидерите на ВЛЕН, алудирајќи дека тие можеби чувствуваат страв од премиерот Христијан Мицкоски, но порача дека Албанците не го делат тој страв.
Во својата реакција, новинарот жестоко им се обрати на претставниците на владејачката коалиција:
„О ВЛЕН-уши, националната химна не е само музика, туку симбол на идентитетот, историјата и жртвата на Албанците низ годините. Ако вие се плашите да ја пуштите, немојте да мислите дека и Албанците надвор од ВЛЕН се плашат!“, напиша Мислими.
Оваа реакција доаѓа по одржувањето на првиот конгрес на коалицијата ВЛЕН, каде отсуството на албанската химна предизвика незадоволство и реакции во дел од албанската јавност.