Родителите на жртвите од Пулс: Жртвите можеа да бидат спасени доколку полицијата ја беше запрела забавата

„Не нѐ замолкнаа, ќе продолжиме да се бориме до крај за вистинска правда“ и „Престанете да вршите тортура врз нашите семејства“ – со овие силни пораки семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, вчера повторно маршираа низ улиците на Кочани во рамките на „Маршот на ангелите“.

Мајки, татковци, браќа, сестри и роднини, носејќи ги фотографиите од своите најмили, порачаа дека нема да отстапат од барањето за правда. Истовремено, тие остро реагираа и го изразија својот револт кон неодамнешните условни казни изречени за полициските службеници. Имено, полицајците кои извршиле контрола во „Пулс“ кобната вечер, иако констатирале прекршоци, казните ги напишале на неактивна компанија и не го прекинале настанот.

„Закопавте 63 млади животи во црната земја“

Во име на сите ужалени родители пред присутните се обрати Александар Наунов, татко на покојната Надица Наунова. Неговиот емотивен говор за трагедијата, во која животот го загубија 63 млади лица, а над 200 беа повредени, предизвика тага, но и гнев кон системот.

„63 млади животи закопавте во црната земја. 223 повредени, еден цел град уништен, деца без уши, без прсти, со недостаток на мускули на рацете, со тела кои ќе ги носат последиците од овој пекол“, истакна Наунов.

Тој нагласи дека семејствата ја преживуваат трагедијата секој ден од почеток, особено за време на судските процеси.

„На судењата гледаме изгорени тела, коски и сцени кои луѓето ги гледаат само во хорор филмови. А ние тоа не го гледаме на екран, туку го живееме секој ден“, додаде тој.

Профитот ставен пред човечките животи

Наунов директно го впери прстот кон институциите и полицијата, повикувајќи на нивна одговорност за тоа што не била спречена катастрофата пред таа да се случи.

„Зар беше толку тешко таа ноќ полицијата да каже: ’Запалете ги светлата, изгасете ја музиката‘? Само тие неколку зборови ќе го спасеа Кочани. 63 деца денес ќе беа живи, во своите соби, и ќе нѐ радуваа нас родителите“, рече Наунов.

Според неговите зборови, тесните интереси и профитот биле ставени пред човечките животи.

„Но, за тие проклети маси, резервации, пари и интереси, одлучија да молчат, бидејќи следниот викенд требаше да ги платат пијалаците“, обвини тој пред присутните.

„Срамот од предадената правда останува засекогаш“

Родителите се децидни дека досегашните судски одлуки не носат правда за нивната загуба и чувствуваат дека се изневерени од правосудството.

„Не можете да зборувате за правда, додека делите условни казни за трагедија со 63 згаснати животи“, нагласи Наунов.

Своето обраќање тој го заврши со јасна и моќна порака упатена директно до институциите и функционерите:

„Ние сме на улица затоа што правдата ја претворивте во неправда. Запаметете, ниту една функција не трае засекогаш, ниту една власт не е вечна, но срамот од предадената правда останува засекогаш!“