Обединетите нации: Трагедијата во Карпош потсетува на сериозноста на семејното и родовото насилство.

Телата на Обединетите нации во Северна Македонија предупредуваат дека трагичниот настан во скопската општина Карпош, во кој беа изгубени два човечки животи како последица на семејно насилство, е болен потсетник дека родово базираното и семејното насилство остануваат едни од најраспространетите и најразорни форми на насилство што ги погодуваат жените и децата.

Во заедничко соопштение, објавено во пресрет на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 2026, организациите на ОН во земјата упатија повик за засилени мерки за заштита на жените и децата, како и за поефикасно функционирање на институциите во борбата против насилството.

„Годинешното одбележување на 8 Март се случува во сенка на трагедија што нè потсетува дека насилството во семејството сè уште е сериозен општествен проблем. Родово базираното насилство продолжува да претставува една од најголемите закани за безбедноста и достоинството на жените и децата“, се наведува во соопштението.

Според податоците на Обединетите нации, иако Северна Македонија бележи напредок во усогласувањето на своето законодавство со меѓународните стандарди – како што се Истанбулската конвенција, Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот за насилство и вознемирување – сепак трагичните случаи покажуваат дека законските обврски мора да се преточат во реална и ефективна заштита.

Истражувањата покажуваат дека дури 45 проценти од жените во земјата доживеале насилство од интимен партнер. Во исто време, пријавувањето на ваквите случаи е исклучително ниско – само околу два проценти од жените кои преживеале насилство се обратиле во полиција.

Од Обединетите нации нагласуваат дека насилството во домот не смее да се третира како приватна работа, туку како сериозно кршење на човековите права. Тие предупредуваат дека кога жената не е безбедна, ниту децата не се безбедни, а децата кои се сведоци или жртви на насилство често се соочуваат со долгорочни последици врз нивниот развој, благосостојба и емоционална сигурност.

Организацијата истакнува дека брзата и ефикасна реакција на институциите е клучна. Секое одложување на постапувањето по пријавите го зголемува ризикот за жртвите и ја намалува довербата во системот за заштита.

„Во многу случаи, постапките се одложуваат, а жртвите се враќаат во средина каде што насилството се случило. Тоа ја нагласува итната потреба од навремена и ефективна интервенција“, се наведува во соопштението.

Од ОН повикуваат системите за заштита да обезбедат пристап до поддршка за сите жени и деца, вклучително и за оние кои се соочуваат со дополнителни бариери поради преселба, правен статус или зголемена ранливост.

Меѓу клучните препораки се обезбедување брза институционална реакција на секоја пријава, рана превенција преку училиштата, здравствените установи, социјалните служби и полицијата, како и обезбедување безбедни засолништа за жртвите.

Дополнително, Обединетите нации истакнуваат дека е неопходно да се инвестира во посилни и подобро финансирани социјални служби со обучен кадар, како и во програми за позитивно родителство, родова еднаквост и ненасилни односи.

Според организацијата, одговорноста на сторителите мора да биде придружена со програми за промена на однесувањето, управување со гнев и едукација за родово базирано насилство. Воедно, економското зајакнување на жените, пристапот до работа, домување и услуги за грижа се сметаат за важни фактори во спречувањето на насилството.

ОН исто така нагласуваат дека справувањето со родовите стереотипи и штетните општествени норми е од клучно значење за долгорочно намалување на насилството, преку образование, медиуми и активна вклученост на заедницата.

На крајот од соопштението, семејството на Обединетите нации во Северна Македонија изразува солидарност со сите жени и деца во земјата и ја потврдува својата посветеност за поддршка на националните институции и заедници во зајакнувањето на системите за превенција и заштита.

„На овој Меѓународен ден на жената, да се заложиме за општество во кое секоја жена и секое дете се безбедни, заштитени и почитувани – дома, во училиштето и во заедницата“, се наведува во пораката на Обединетите нации..