Исцртани графити и пораки на објектот на згаснатиот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола

Објектот во Битола во кој претходно беше сместен бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“, кој во меѓувреме е згаснат, доцна синоќа бил мета на вандализам. Инцидентот го објави поранешниот претседател на клубот, Љупчо Георгиевски, кој на социјалните мрежи сподели и видео-снимка од надзорните камери на која се гледа моментот кога на објектот се испишуваат графити.

На снимките се забележува како непознати лица испишуваат пораки и цртежи на фасадата на објектот. Меѓу испишаните пораки се наоѓа и натписот „Македонија на Македонците“, како и други навредливи графити.

Во својата објава, Георгиевски се осврна токму на оваа порака, посочувајќи дека таа има историско значење.

„Но не можеме да не обрнеме внимание на повикот ‘Македонија на Македонците’. Тоа е повик на историското ВМРО, поддржан и од нашиот патрон Иван Михајлов, кој во минатото имал прогресивна и инклузивна смисла — една заедничка држава на сите етноси што го населуваат географскиот регион Македонија — Бугари, Турци, Албанци, Власи и сите други“, напиша Георгиевски.

Засега нема официјални информации дали надлежните институции започнале истрага за случајот и дали се идентификувани сторителите. Инцидентот повторно ја отвори темата за тензиите поврзани со поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“, кој во минатото предизвикуваше контроверзии во јавноста.