Колони од возила пред бензинските граѓаните точат гориво по старите цени

Големи редици од возила денеска се забележуваат на повеќе бензински пумпи во Скопје, откако граѓаните поитаа да ги наполнат резервоарите на своите автомобили пред полноќ, кога на сила стапува новото поскапување на горивата. Причината е најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), со која значително се зголемуваат цените на нафтените деривати.

Во текот на денот на повеќе бензински пумпи во главниот град можеа да се забележат колони од возила и подолго чекање во редици, додека граѓаните се обидуваат да наточат гориво по старите цени пред да стапат на сила новите.

Според новата одлука на РКЕ, од полноќ дизел горивото поскапува за 14,5 денари по литар, додека бензинот ќе биде поскап за 5 денари. Со новиот ценовник, ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе се продава по 85,50 денари за литар, додека најкористениот бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 79,50 денари за литар. Цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 81,50 денари за литар.

Покрај тоа, екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе се продава по 82,50 денари за литар, додека цената на мазутот М-1 НС ќе достигне 42,586 денари за килограм.

Новите цени значително ќе го зголемат трошокот за полнење на резервоарите на возилата. Ако се земе предвид дека просечниот резервоар на патнички автомобил собира меѓу 40 и 60 литри гориво, разликата ќе биде забележлива. Така, за полнење на 50 литри еуродизел од полноќ ќе треба да се издвојат 4.275 денари, што е за 725 денари повеќе отколку ако резервоарот се наполни пред да стапат на сила новите цени.

Кај возилата што користат бензин Еуросупер 98, полн резервоар од 50 литри со новите цени ќе чини околу 4.075 денари, што е зголемување од 250 денари.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата располага со доволни резерви на нафтени деривати. Според него, државните нафтени резерви моментално се на историски највисоко ниво и се доволни за околу 62 дена.

„Граѓаните треба да бидат спокојни дека на пазарот ќе има оптимални количества на нафтени деривати“, изјави премиерот.