Монах на МПЦ-ОА фрли анатема на вештачката интелигенција и ковид вакцините

Богослужбата по повод Недела на Православието во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Јанковец кај Ресен предизвика силни реакции во јавноста и меѓу верниците. Причина за тоа беше читањето на анатеми од страна на игуменот на манастирот, јеромонахот Спиридон, во кои, покрај традиционалните формулации од црковниот Синодикон, беа спомнати и современи теми како вакцинацијата против ковид-19 и употребата на вештачка интелигенција.

За време на богослужбата, јеромонахот Спиридон прочитал делови од Синодиконот за Недела на Православието, но во текстот вметнал и дополнителни формулации со кои анатемисал повеќе категории луѓе. Меѓу нив биле и оние кои повикувале на вакцинација против ковид-19, како и лицата кои користат или се потпираат на вештачка интелигенција. Верниците присутни на службата, според сведоштва, во неколку наврати во хор одговарале со „Анатема! Анатема! Анатема!“.

Во дел од изговорените анатеми, јеромонахот ги осудил „гонителите на Христовата црква“ и оние кои, како што било кажано, „под присила и уцени ги терале луѓето да се вакцинираат против ковид“. Според толкувањата, ваквата формулација може да се сфати како осуда на властите, но и на лекарите, научниците и здравствените работници кои во текот на пандемијата јавно повикуваа на вакцинација.

Покрај тоа, во своето обраќање Спиридон ја спомнал и вештачката интелигенција, поврзувајќи ја со „магии“ и „повикување демони“. Во анатемата било наведено дека „оние кои се надеваат на вештачката интелигенција“ треба да бидат анатемисани, што предизвика дополнителни реакции и дискусии.

Контроверзен беше и делот од читањето во кој се споменува власта. Во него се наведува дека анатема треба да има за оние кои „не веруваат дека царевите на престолот се поставуваат по Божјо провидение“ и кои се бунтуваат или повикуваат на промени. Присутните верници и на овој дел возвратиле со извици „Анатема!“.

Настанот отвори прашања околу тоа дали текстот што бил прочитан претставува официјална верзија на Синодиконот или лична интерпретација и дополнување од страна на јеромонахот.

Јеромонахот Спиридон и претходно бил во фокусот на вниманието поради контроверзни постапки. Во минатото служел како монах во манастирот Лесново, од каде заминал, по што извесно време престојувал и во манастирот Осогово. Во моментов се наоѓа во Преспанско-пелагониската епархија, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец кај Ресен..