Бугарското МНР реагира по исцртувањето на полови органи на клуб на бугарската заедница во Битола

Бугарското Министерство за надворешни работи реагираше по повод вандалската појава насочена кон клуб на бугарската заедница во Битола. Во изјава дадена по медиумски прашања, заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Марин Рајков, изрази загриженост поради настанот.

„Со загриженост констатираме дека повторно е извршено посегнување врз еден од клубовите на бугарската заедница во Република Северна Македонија“, изјави Рајков.

Тој посочи дека овој чин, според бугарската страна, се гледа како одраз на, како што наведе, политички поддржана кампања насочена против граѓани на Северна Македонија кои се самоопределуваат како македонски Бугари.

„Ова дело го разгледуваме како одраз на политички спонзорирана и континуирана кампања против илјадници граѓани на Република Северна Македонија кои се самоопределуваат како македонски Бугари“, изјави заменик-министерот.

Во својата изјава, Рајков истакна и дека Бугарија очекува официјалните власти во Северна Македонија да реагираат согласно обврските преземени со европскиот консензус од јули 2022 година.

„Очекуваме официјалните власти во соседната земја да реагираат во согласност со ангажманите утврдени во Европскиот консензус од јули 2022 година, како и во духот на европските стремежи на поголемиот дел од општеството во Република Северна Македонија“, додаде тој..