Реакциите во јавноста не стивнуваат по објавувањето на декласифицираните аналитички документи на американските разузнавачки служби од 1992 година. Во нив се наведува дека поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров, одбил приватна понуда од грчки официјални претставници за финансиска помош од 100 милиони долари во замена за промена на името на државата.
По оваа информација, професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска преку јавна објава ги изнесе, како што наведува, некои од најголемите грешки на Глигоров додека бил на чело на државата.
Според неа, првата грешка била примената на стратегија на чекање во момент кога, како што вели, требало да се искористи поволен политички контекст. Таа смета дека таквиот пристап довел до тоа Македонија денес да се соочува со притисоци и условувања од Бугарија.
Како втора грешка Најчевска ја посочува поддршката на тогашниот премиер Бранко Црвенковски и, како што наведува, процесот на криминална приватизација и разграбување на државниот имот.
Во објавата таа наведува и дека Глигоров дозволил професорот Љубомир Фрчковски да изработи устав кој, според неа, се темели на етнички принцип наместо на граѓански модел во кој централно место би имала индивидуата, а не колективитетите.
Четвртата забелешка на Најчевска се однесува на одбивањето да се промени името на државата во раните години од независноста. Според неа, токму тоа овозможило постепено зајакнување на националистичките сили, поттикнати од идејата за историски континуитет со античка Македонија и фигурата на Александар Македонски.
„За државниците не важи синтагмата ‘за покојниот се најдобро’. Актите на државниците мора да се анализираат, особено низ призмата на последиците од тие одлуки кои луѓето ги живеат“, наведува Најчевска во својата објава.
Во исто време, во декласифицираните документи на американските служби Глигоров е опишан како „мудар стар лисец“ и искусен државник кој внимателно управувал со стратешките одлуки. Како предводник на кампањата за меѓународно признавање на државата, тој изразил и значително разочарување од одлуката на Европската заедница да ги поддржи приговорите на Грција поврзани со името на Македонија.