Во Липково вчера се славеше слободна територија Карадак од конфликтот во 2001 година

Во општина Липково вчера беше одбележан 2 мај, датум кој во локалната самоуправа се празнува како Ден на општината, но и како ден на прогласувањето на „слободната зона Карадак“ во кумановскиот регион за време на конфликтот во 2001 година.

За настанот информираше пратеникот Ријад Шаќири од Алијансата за Албанците (дел од коалицијата „Вреди“), кој преку својот профил на Фејсбук сподели детали од одбележувањето. Тој напиша дека заедно со градоначалникот на Липково, Еркан Арифи од редовите на ДУИ, и со општинските советници, ги посетиле локалните гробишта каде оддале почит на загинатите од 2001 година кои ги нарече маченици.

Во својата објава, Шаќири сподели и неколку фотографии од прославата одржана пред споменикот на Исмет Јашари, познат како командант Кока на ОНА (УЧК). Јашари, кој беше активен во вооружените дејства во северниот дел на Македонија, загина за време на конфликтот во 2001 година.

Пратеникот Шаќири и неодамнешниот инцидент со знамињата во Собранието

Пратеникот Ријад Шаќири, кој е претставник во Собранието на Република Македонија, неодамна се најде во фокусот на пошироката јавност поради случувањата на една од собраниските седници.

Во февруари оваа година, Шаќири се појави на седница за пратенички прашања носејќи значка со албанското знаме на својот ревер, потег кој предизвика политички реакции. На ова директно реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој му укажа на пратеникот дека како функционер е платен од сите граѓани на државата.

„Последно што знам вие сте пратеник во македонскиот парламент и плата добивате од буџетот којшто го полнат сите граѓани без оглед на етничката припадност. Можеби добра порака ќе беше ако дојдевте со таква значка, но вие таа можност ја пропуштивте“, му рече тогаш Мицкоски на Шаќири.

Во својот одговор, Шаќири потенцираше дека е горд Албанец и дека значката му е подарок од претседателот на Албанија, но истовремено нагласи дека во своето делување никогаш не правел поделби.

„Кога вие ќе ми донесете значка со Република Северна Македонија, на идната седница ќе ја носам и неа. Но дека сум космополит сум докажал со својата работа. Јас сум лице кое никогаш не правело поделби врз верска и етничка основа“, одговори Шаќири.

Како епилог на оваа собраниска дебата, подоцна за време на истата седница на Шаќири навистина му беше врачена значка со македонското државно знаме, која тој, стоејќи на дадениот збор, веднаш ја закачи на своето сако..