Меџити: 2 Мај останува еден од најзначајните моменти во нашата историја, денот кога борците на ОНА го прогласија Карадак за Слободна зона

Градоначалникот на Чаир и лидер на партијата ВЛЕН, која е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Изет Меџити, го одбележа 2 Мај како еден од најзначајните моменти во историјата, потсетувајќи на денот кога за време на конфликтот во 2001 година, регионот на Карадак беше прогласен за Слободна зона.

Историски гледано, на овој датум борците на Ослободителната народна армија (ОНА/УЧК) целосно презедоа контрола врз повеќе населени места во кумановско-липковскиот регион. Откако го ослободија овој појас и ги потиснаа државните безбедносни сили, раководството и борците на ОНА официјално го прогласија Карадак за нивна слободна територија. Овој чин претставуваше една од клучните пресвртници во воениот конфликт таа година, проследен со интензивна консолидација на нивните позиции во тој дел од државата.

Во своето обраќање, лидерот на ВЛЕН истакна дека овој датум ја симболизира издржливоста и цврстата одлучност за слобода пред предизвиците на тоа време. Според Меџити, храброста и жртвата на луѓето од тој период отвориле едно сосема ново поглавје на надеж и достоинство.

Својот став тој го сподели преку писмена објава:

„2 Мај останува еден од најзначајните моменти во нашата историја, денот кога Карадак беше прогласен за Слободна зона, како симбол на отпорот и одлучноста за слобода.

Тоа време беше исполнето со предизвици, но и со неспоредлива храброст на луѓето кои не се предадоа пред тешкотиите. Преку нивната жртва се отвори ново поглавје на надеж и достоинство за оваа земја.

Денес го споменуваме овој ден со почит и благодарност за сите оние кои придонесоа на тој пат, оставајќи ни ја во наследство слободата што ја уживаме денес. Слава и чест за сите паднати и вечна почит за нашата историја“, напиша Меџити.