Уставниот суд ги отфрли иницијативите со кои се оспоруваа измените на Законот за прекршоци, со што системот „Сејф сити“ ќе продолжи да функционира како и досега. Со оваа одлука судиите оценија дека нема основ за поведување постапка за оценување на уставноста на законските измени што беа усвоени во Собранието кон крајот на јануари.
Иницијативите ги оспоруваа одредбите поврзани со известувањето на граѓаните за прекршоците, употребата на јазиците, заштитата на личните податоци, како и прашањето за обврската граѓаните да поседуваат мобилен телефон и електронска адреса. Трите иницијативи беа споени во еден предмет, а меѓу подносителите беа двете крила на Алијанса за Албанците, предводени од Зијадин Села и Арбен Таравари, како и Или Пачуку.
Во текот на расправата, дел од уставните судии посочија дека постојат одредени дилеми во законските решенија. Судијата Насер Ајдари предупреди дека отсуството на јасна законска гаранција за користење на службените јазици при известувањата може да создаде правна празнина и да доведе до повреда на уставниот режим на употреба на јазиците. Слични дилеми отвори и судијата Осман Кадриу, кој праша дали законот обезбедува доволна заштита на личните податоци на граѓаните.
Сепак, мнозинството во Судот оцени дека иницијативите не содржат доволно аргументи за да се отвори постапка. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски ја бранеше позицијата дека дигиталната комуникација е неизбежна во современото општество.
„Според сите статистики, нашата држава е европски рекордер по жртви настанати во сообраќајни несреќи. Тоа значи дека возилата станале оружје. Епа тој што сака да вози возило, ќе си поседува и мобилен телефон и меил. Затоа што живееме во таков свет. Ако не – ќе си оди со коњ, ако е можно и каде е можно“, изјави Костадиновски.
Неговата изјава предизвика реакции во јавноста, особено затоа што, иако во ниту еден закон во државата граѓаните не се обврзани да поседуваат мобилен телефон или електронска адреса, ваквата порака практично го претставува тоа како неопходен услов за учество во сообраќајот.
Во дебатата се вклучи и уставната судијка Ана Павловска-Данева, која истакна дека дигитализацијата е неминовна и дека општеството мора да се прилагоди на современите технологии.
„Во ера на дигитализација, јас не знам како ќе се дигитализира нашето општество ако немаме компјутери и мобилни телефони, а притоа тврдиме дека не треба да ги имаме“, рече Павловска-Данева.
Измените и дополнувањата на Законот за прекршоци беа усвоени во Собранието на 23 јануари по скратена постапка. Со нив се отвора патот за поширока примена на системот „Сејф сити“, кој овозможува автоматско снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци преку камери и електронски известувања.