Снопче бара итна промена на спомен-плочата за бранителите кај Вејце: „Борците на УЧК не се терористи“

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците (предводена од Арбен Таравари) упати остра реакција и побара итно отстранување или промена на текстот на спомен-плочата во касарната „Илинден“, посветена на загинатите специјалци и полицајци во масакрот кај Вејце во 2001 година.

Реакцијата на Снопче следи по објавата на министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој по повод годишнината од настанот положи цвеќе пред споменикот на баталјонот за специјални сили.

„Отворенa рана за илјадници семејства“

Според Снопче, формулацијата на спомен-плочата е навредлива и претставува пречка за соживотот во државата. Тој смета дека припадниците на УЧК (ОВК) не смеат да бидат квалификувани како терористи.

„Денеска министерот за одбрана објави дека положил свежо цвеќе пред спомен-обележјето, но зад него е горчливото минато кое не може да се игнорира. На спомен-плочата сè уште има реченица која гласи: ‘Паднати во војна против албанските терористи’. Во 2026 година… уште овој јазик? Срамота и неправда. Ова не е само реченица. Тоа е отворена рана за илјадници семејства. Тоа е порака која им кажува на Албанците дека нивната жртва не е признаена, дека нивната историја е негирана“, истакнува Снопче.

Пратеникот во својата објава додава дека ваквиот речник не е во согласност со европските интеграции и заедничката иднина, порачувајќи дека „УЧК и нејзините борци не се терористи, туку дел од историјата“ и инсистирајќи на итна промена на таблата во име на, како што вели, вистински мир и почит.

Молчење за осквернавените плочи на македонските бранители

И додека Снопче изразува загриженост и вознемиреност од терминот „терористи“ во касарната „Илинден“, во јавноста останува забележан фактот дека од истиот пратеник досега немало никаква реакција за односот кон спомен-обележјата на загинатите македонски бранители.

До ден-денес, на самото место кај Вејце каде што беа масакрирани осуммината бранители постои само импровизирана спомен-плоча, бидејќи вистински споменик никогаш не беше подигнат. Дополнително, изостануваат реакции и осуди кога по речиси секоја годишнина од заседата кај Карпалак (каде на 8 август 2001 загинаа 10 бранители), спомен-плочата редовно се крши и уништува од непознати сторители.

Мисајловски: Пожртвуваноста нè обврзува да паметиме

Претходно, министерот за одбрана Владо Мисајловски преку објава на социјалните мрежи информираше за оддавањето почит на загинатите припадници на безбедносните сили, истакнувајќи дека нивната жртва никогаш нема да биде заборавена.

  • „Во касарната ‘Илинден’, пред спомен-обележјето на баталјонот за специјални сили, положивме венец со свежо цвеќе и оддадовме почит на Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески. Пред 25 години, четворицата армиски припадници заедно со уште четворица припадници на МВР трагично ги загубија своите животи во одбрана на татковината. Нивната жртва засекогаш останува дел од нашето сеќавање“, напиша Мисајловски..

За потсетување: На 28 април 2001 година во заседа кај тетовското село Вејце беа сурово убиени и масакрирани осуммина припадници на македонските безбедносни сили – четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци од ОВР Битола:

  • Роберт Петковски (27)
  • Игор Костески (26)
  • Миле Јаневски (30)
  • Бобан Трајковски (28)
  • Марјан Божиновски (27)
  • Илче Стојановски (24)
  • Бошко Најдовски (25)
  • Кире Костадиновски (24)