Околу 80 проценти од лекарите се соочиле со физичко или вербално насилство

Повеќе од 70 проценти од лекарите во земјава се соочиле со некаква форма на насилство на работното место. Ова го покажуваат резултатите од анкета спроведена од Лекарската комора, според која, иако насилството е честа појава, во текот на минатата година во Министерството за внатрешни работи биле пријавени само две случаи.

Според податоците, најголем број од инцидентите се случуваат во службите за итна медицинска помош и во ургентните центри, каде медицинските работници често се изложени на физички или вербални напади. Лекарите апелираат насилството врз здравствените работници да престане и институциите да обезбедат соодветна безбедност на работните места.

„Не можеме да лекуваме добро ако работиме под страв. Условите во државата не се такви какви што треба да бидат. Немаме доволно кадар, но сме тука за пациентите. Колку и да сме малку, се трудиме да помогнеме и често правиме повеќе отколку што се очекува од нас“, изјави Калина Гривчева Старделова.

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека институциите работат на зајакнување на законските механизми за заштита на лекарите и медицинскиот персонал.

„Ќе продолжиме да го зајакнуваме правниот аспект за заштита на вработените во здравствените институции. Исто така, планираме воведување на паник-копче за лекарите и медицинските сестри, со кое во реално време ќе можат да ги известат надлежните институции за ситуациите што се случуваат во установите“, изјави министерот Алиу.

Овие податоци беа објавени по повод 12 март – Европскиот ден за подигнување на свеста за насилството врз здравствените работници.