Битиќи: Општеството оди кон момент кога луѓето ќе престанат да веруваат дека вреди да се остане тука

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во своето обраќање во Собранието предупреди на сериозна морална и институционална криза во општеството, доколку не се препознава и не се санкционира родово базираното насилство. Според него, одговорноста на институциите е клучна за зачувување на општествените вредности и довербата на граѓаните.

Битиќи истакна дека институциите мора да бидат исполнети со вредности, одговорност и јасни политики, бидејќи во спротивно се создава длабок јаз во општеството кој може да има трагични последици.

„Кога институциите не ги полниме со политички вредности, ние го држиме отворен понорот во општеството. И тој понор не останува празен. Го полниме со човечки животи. Со човечка крв“, изјави Битиќи.

Тој нагласи дека општеството мора да има храброст јасно да ги именува проблемите, особено кога станува збор за насилството врз жените. Според него, убиството на жена како последица на родово базирано насилство треба јасно да се именува како фемицид.

„Кога жена е убиена поради родово базирано насилство тоа е фемицид. Ако не умееме да го препознаеме, спречиме и санкционираме, тогаш понорот што го држиме отворен не е случајност, туку последица на нашата вредносна пустина“, нагласи тој.

Во своето обраќање, Битиќи предупреди и на можноста од губење на довербата на граѓаните во институциите доколку тие не реагираат соодветно. Тој оцени дека продолжувањето на, како што рече, патеката на алчност, корумпирана себичност и ксенофобична анксиозност може да доведе до сериозни последици за општеството.

„Ако продолжиме по патеката поплочена со алчност, корумпирана себичност и ксенофобична анксиозност, ќе дојде момент кога солзите ќе пресушат – не затоа што болката ќе исчезне, туку затоа што ќе останеме без луѓе што веруваат дека вреди да се остане овде“, порача Битиќи…