Мециновиќ од Левица: Бараме целосно здравствено осигурување за хонорарците, фриленсерите и невработените

Политичката партија Левица поднесе предлог-закон до Собранието со кој се бара целосно покривање на здравственото осигурување за сите хонорарци, фриленсери, лица ангажирани со договор на дело, како и за невработените граѓани и нивните семејства.

Со ова законско решение се прави обид да се надмине деценискиот проблем со кој илјадници граѓани кои работат во неформалниот сектор или се без постојан работен однос, остануваат на маргините на здравствениот систем и без соодветна медицинска заштита.

Мециновиќ со апел до пратениците: Македонија по Устав е социјална држава

Пратеникот од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, преку објава на социјалните мрежи упати јавен апел до сите парламентарни партии да ја надминат политичката тесноградост и да дадат поддршка на овој предлог-закон, потсетувајќи на темелните вредности на уставниот поредок.

„Утре во Собранието ќе се најде предлогот на Левица за целосно покривање на здравственото осигурување за хонорарци, фриленсери, луѓе на договор на дело, невработени луѓе со брачни партнери со примања, деца во тие семејства и тн.

Македонија е социјална држава по својот Устав – општествениот договор подразбира заштита од државата за СИТЕ нејзини граѓани. Апел до пратениците од сите партии за поддршка на овој предлог!“ – истакна Мециновиќ.

Што предвидува предлогот?

Главата цел на ова законско решение е државата да го преземе товарот за здравственото осигурување на категориите граѓани кои моментално се изложени на висок социјален ризик. Предлогот ги опфаќа:

  • Фриленсерите и хонорарците кои немаат фиксни месечни примања;
  • Лицата ангажирани со договор на дело, кои често се надвор од системот на задолжително здравствено осигурување;
  • Невработените граѓани, вклучително и оние чии брачни партнери имаат примања (со што се укинува досегашната пракса тие да бидат исклучени поради приходите во семејството);
  • Децата и останатите членови во овие семејства.

Овој предлог-закон веќе предизвика силни реакции во јавноста, особено кај младите и дигиталните работници, кои со години алармираат за потребата од системско регулирање на нивниот статус и основните човекови права, како што е правото на здравствена заштита. На потег се пратениците во Собранието кои ќе треба да се изјаснат по однос на ова социјално решение..