Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека застојот во евроинтегративниот процес претставува сериозен ризик за иднината на државата и нејзините граѓани. Во интервју за МТВ 1, тој истакна дека прашањето за членство во Европска Унија веќе не е тема на дневна политика, туку клучно прашање за опстанокот на нацијата.
„Ова е иднината на народот кој што утре, за некоја деценија може да го нема. Пола Македонци ќе земат бугарски пасоши, ќе се иселат и ќе ги користат бенефитите на Европската Унија. Ние и сега сме помалку од милион и пол луѓе кои што останаа да живеат во државата. Сериозно е ова прашање“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека одложувањето на евроинтеграциите директно влијае врз демографската состојба и ја зголемува миграцијата, особено кај младите, кои сè почесто бараат подобра иднина надвор од земјата.
Во интервјуто, Филипче упати и директен повик до актуелната власт да објасни на кој начин процесот на приближување кон ЕУ би ги загрозил идентитетските прашања.
„Како уште еднаш прашувам, со тој чекор се загрозуваат некои од идентитетските одредници? Еве нека излезе премиерот, нека каже. Ние за Македонците во Бугарија можеме повеќе да се бориме кога ќе станеме земја-членка на Европската Унија. Како можеме да се бориме однадвор? Посилни се сите земји членки, си имаат свои правила. Ние, кога ќе станеме членка, ќе се бориме за секое малцинство“, додаде тој..