Филип Петровски: Жељу Желев лично го натера рускиот претседател Елцин да ја признае Македонија

Поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, во своето гостување во поткастот „Коридор 8“, откри малку познат историски куриозитет поврзан со меѓународното признавање на македонската држава во 90-тите години.

Според Петровски, поранешниот бугарски претседател Жељу Желев одиграл клучна улога во одлуката на Русија да ја признае независноста на Македонија.

„За моите браќа Македонци, еден куриозитет од Жељу Желев. Тој ми рече дека лично го има натерано Елцин да ја признае Македонија. Бидејќи нели, Бугарија прва нѐ призна и со тоа го отвори процесот на меѓународното признавање, во време кога Милошевиќ ни под разно не сакаше да ја пушти Македонија и разговараше со Мицотакис – татко му на денешниот премиер – за поделба на Македонија“, истакна Петровски.

Тој додаде дека чинот на руското признавање се случил веднаш по средбата меѓу двајцата државници, при што Елцин го потпишал документот штом влегол во својот авион, односно на руска територија.

Петровски упати силна порака за потребата од објективно согледување на историските факти, прашувајќи зошто во македонската јавност ретко се дискутира за ваквите позитивни моменти.

„Зошто за тие работи во Македонија воопшто не се дискутира? Зошто да не истакнеме некогаш и добри работи? Зошто да не бараме добри елементи и моменти коишто би биле појдовна точка да направиме нешто, да се смени овој застој во којшто сме? Ние имаме проблем, а тој цело време се одржува со замена на тези“, дециден е Петровски.

Свесен за тежината на своите зборови во актуелниот политички контекст, Петровски порача дека е решен да го кажува она што го мисли и да не отстапува од своите ставови.

„Јас ризикувам со тоа што го кажувам, меѓутоа сум решен да го зборам и да не се повлекувам. Па, кој има уши, нека слуша. Во принцип не убедувам никого дека сум во право, си го кажувам само мојот став“, заклучи тој..