Филип Петровски: Да ги немавме бугарските тенкови во 2001 година, УЧК ќе стигнеше до центарот на Скопје

Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и бранител од конфликтот во 2001 година, Филип Петровски, во своето гостување во подкастот „Коридор-8“ изнесе детали за воената помош која С. Македонија ја добила од Бугарија за време на вооружениот конфликт.

Петровски истакна дека и покрај критиките со кои се соочува, тој чувствува должност отворено да зборува за настаните од тој период.

„И мене ме обвинуваа дека сум бугарофил. Меѓутоа мене апсолутно не ме тангира тоа, затоа што јас мислам дека имам обврска да си го кажам тоа што го мислам и од тоа нема да отстапам“, изјави Петровски во подкастот.

Тој посочи дека во јавноста често се игнорираат одредени факти поврзани со воената помош, потенцирајќи ја донацијата на оклопни возила и оружје во критичните моменти.

„Никако на пример не се спомнува дека Бугарија ни донираше 80 тенкови. Дека во време на војната 2001 кога побаравме три камиони автоматско оружје, дека е донесено во тајни конвои кај Струмица на граница. Лошите работи дајте да ги извадиме на површина, а добрите работи никако да не ги кажуваме“, наведе тој.

Според поранешниот пратеник, присуството на овие тенкови имало решавачка улога на теренот и спречило напредување на формациите на УЧК кон главниот град.

„Затоа што да ги немавме тие тенкови во 2001 година најверојатно ќе ни стигнеше УЧК до Скопје. Зборувам од запад, од Тетово и преку Арачиново можеби до центарот на Скопје. Колку-толку ги здрмаа и бегаа од тенковите кога тргнуваше армијата во напад кон Калето“, стои во изјавата на Петровски.