Беџети: Сè се прави на сметка на Албанците поради комплексот на Македонците од бугарски пасош

Пратеникот од редовите на ДУИ, Блерим Беџети, во интервју реагираше на иницијативите и дебатите во јавноста со кои се бара ограничување за вршење на високи државни функции за лицата кои поседуваат двојно државјанство.

Тој смета дека условувањето за откажување од странскиот пасош за да се стане пратеник или министер ги попречува успешните кадри од дијаспората да придонесат за С. Македонија, оценувајќи дека сето тоа се прави поради туѓи комплекси, а крајната штета ја трпат Албанците.

„Денес треба да дебатираме како да исклучиме граѓани на С. Македонија, само затоа што имаат комплекс за поседување на бугарски пасоши. Дека Албанец од дијаспората не може да стане пратеник, да стане министер. Но, ако политичките партии и граѓаните сметаат дека еден Албанец од Америка или Европа треба да дојде, да преземе одговорност и да придонесе за неговата земја, тие сакаат да го ограничат, условувајќи дека треба да се откаже од американски, швајцарски, германски или албански пасош,“ изјави Беџети.

Според него, секојдневните расправии на оваа тема не смеат да претставуваат пречка за луѓето од дијаспората.

„Тоа не треба да биде комплекс. Овие луѓе се расправаат секој ден за бугарски пасоши, но сè се прави на штета и на сметка на Албанците,“ нагласи Беџети во интервјуто.