Бујар Османи: Албанците не прифаќаат статус на кираџии во оваа држава

Потпретседателот на ДУИ и поранешен министер за евроинтеграции и надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека оценката на известувачот на ЕУ за Северна Македонија, Томас Вајц – дека земјата има направено „нула реформи“ – е навистина загрижувачка, додавајќи дека тоа јасно се забележува и во секојдневниот живот на граѓаните.

Гостувајќи во емисијата „Дебата на Шенја“, Османи упати остри критики за актуелната состојба во државата, фокусрајќи се на економијата, меѓуетничките односи и надворешната политика.

Економски колапс и заминување на инвеститорите

Според Османи, состојбата во институциите е лоша, а економијата е во слободен пад. Тој предупреди на загрижувачки тренд на повлекување на странскиот капитал од земјата.

„Гледате што се случува низ институциите, погледнете како колабираше економијата. За првпат по 2010 година имаме бегство на странски инвеститори. Една американска компанија си замина, друга е подготвена да го стори истото. Знаете ли каква порака е ова за секој бизнис кој сака да дојде и да отвори работни места?“, истакна Османи.

Од епицентар на дипломатијата до „пропадната држава“

Османи оцени дека влошените меѓуетнички односи и меѓународната изолација ја прават Северна Македонија „пропадната држава“.

Правејќи паралела со периодот кога ДУИ беше дел од извршната власт, тој потенцираше дека тогаш државата била епицентар на регионалната, па и на пошироката дипломатија. За разлика од тогаш, тој смета дека државата денес е претворена во „изолирана оаза во која веќе никој не стапнува“.

Три причини за уривање на темелите на еднаквоста

Во однос на внатрешно-политичката динамика и меѓуетничките односи, Османи нагласи дека Албанците имаат потпишано договор и категорично одбиваат да прифатат статус на „кираџии“ во сопствената држава. Тој изрази сомнеж дека македонскиот политички блок некогаш суштински го прифатил тој договор, тврдејќи дека само се чекал моментот за да се урнат тие темели.

Во таа насока, Османи наброја три клучни причини зошто, според него, Македонците сметаат дека токму сега е идеалниот момент за таков потег:

  • Политичка консолидација: Македонските политички сили во моментов се силно политички консолидирани.
  • Врата без голман: Вратата на Албанците е „без голман“ – односно, Османи смета дека во моментов во институциите нема кој вистински да ги брани албанските интереси.
  • Глобален вакуум: Дефокусирањето на меѓународната заедница поради светските случувања. Според него, САД се фокусирани на Иран, а Европа е зафатена со сопствените проблеми и Русија, што создава геополитички вакуум кој се користи за „напад и уривање на темелите на еднаквоста“.