Само 5.000 евра казна за ФК Вардар за скандалозните повици за смрт и гасни комори за Албанците

Наместо да ги поддржуваат спортските клубови на стадионите и во салите, македонските навивачи продолжуваат со националистичките скандирања, барајќи гасни комори и смрт за Албанците. Институциите постапуваат со „желкини“ чекори во казнувањето и спречувањето на овие појави на спортските терени, додека неказнувањето на националистичките повици придонесува тие постојано да се повторуваат на спортските натпревари, пишува Portalb.mk.

Говорот на омраза и антиалбанските скандирања не запираат на трибините На натпреварот меѓу ФК Вардар и ФК Тиквеш, во рамките на 29-тото коло, домашните навивачи „Комити“ скандираа дека „добар Албанец е мртов Албанец“.

Иако помина повеќе од една недела откако навивачите на Вардар скандираа барајќи „смрт за Албанците“, Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) не најде за сходно да го казни Вардар за организацијата на натпреварите како домаќин.

Навивачката група „Комити“, освен ФК Вардар, ја поддржува и репрезентацијата на Северна Македонија. Иако капитен на националниот тим е Албанецот од Скопје – Енис Барди, а покрај него во првиот тим има и други фудбалери Албанци, овие играчи се соочуваат со навреди од самите македонски навивачи.

Досега, поради националистичките и антиалбанските повици, ФК Вардар од страна на ФФМ е казнет со само еден натпревар без публика и парична казна од 5.000 евра.


Хронологија на инциденти Потсетуваме дека ова не е единствен случај на антиалбански скандирања на стадионите.

  • Ваквиот речник неодамна започна од кошаркарскиот натпревар меѓу Северна Македонија и Романија, кој се играше во рамките на претквалификациите за Светското првенство.
  • Истиот говор на омраза продолжи и на неколку фудбалски натпревари, како што беше натпреварот меѓу Вардар и Башкими.
  • Слични сцени се забележани и на други натпревари каде играа ФК Вардар, ФК Пелистер и ФК Тиквеш, без разлика дали играа против албански или македонски екипи, каде македонските навивачи скандираа барајќи смрт или гасни комори за Албанците.

Реакција од институциите Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за Portalb.mk изрази загриженост поради зачестените појави на говор на омраза на спортските трибини. Според нив, ова не се само изолирани инциденти, туку укажуваат на подлабоки социјални проблеми поврзани со нетолеранцијата, дискриминацијата и говорот на омраза врз основа на етничка припадност, националност или други основи.

КСЗД ги повикува надлежните институции, спортските федерации и клубовите да преземат поефективни мерки за спречување и санкционирање на ваквите појави, вклучувајќи едукација на навивачите, зголемен надзор и континуирана примена на законските одредби.