Кога и да се отвори Уставот, ќе бараме терминот „20% од населението“ да се замени со соодветно именување за албанскиот народ. Ова го изјави еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Билал Касами, во интервју за вестите на телевизија Алсат М.
Тој посочи дека македонските сограѓани најдобро знаат дека ваквите термини не се соодветни, правејќи паралела со поранешната референца на државата.
„Со решавањето на проблемот со името со Грција, се отстрани и описот на Македонија како Поранешна Југословенска Република Македонија, што беше некоректно за една независна држава, признаена од ОН. И мислам дека подобро од кој било друг, нашите сограѓани Македонци разбираат дека терминот ‘20%’ не е соодветен за Албанците“, рече Касами.
Касами нагласи дека очекува разбирање од општеството во целина, но и консензус внатре во парламентарното мнозинство за ова прашање да се реши при првото следно отворање на Уставот.
„Верувам во разбирањето на општеството во Северна Македонија генерално, но и конкретно од страна на коалициските партнери, дека при првото отворање на Уставот ќе се разговара за отстранување на овој термин“, дециден е Касами.