Јавноста прашува: Зошто нема ниту еден полицаец Албанец меѓу 12-те најдобри на МВР?

Министерството за внатрешни работи (МВР) го одбележа Денот на полицијата исклучиво на македонски јазик. Настанот помина без натписи на албански јазик, без обраќање на албански јазик и без ниту еден Албанец на листата при прогласувањето на 12-те најдобри полицајци.

Иако одликувањата вклучуваа припадници од 8 сектори и 4 регионални центри на МВР, без свој претставник меѓу наградените остана и Тетово, каде што Албанците го сочинуваат мнозинството од населението. Од МВР засега нема одговор зошто отсуствуваше албанскиот јазик и зошто меѓу одликуваните немаше полицајци Албанци.


Говори на раководството на МВР

Во своето обраќање, првиот човек на полицијата зборуваше за инвестициите во подобрувањето на условите и ефикасноста на полициските служби, нагласувајќи дека е постигнато намалување на криминалот и корупцијата.

„Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од 6 отсто. Разбиени се 16 криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата реализирани се повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил, при што се разбиени 4 криминални групи. Особено е важно што вкупниот криминалитет бележи пад и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста е 67,2 отсто, што е највисока во последните 20 години“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, истакна дека полицијата во земјава стои рамо до рамо со современата европска и светска полиција.

„Инвестираме во модернизација, нови возила, подобра опрема, подобри услови за работа, воведуваме дигитални механизми, современи системи и нови технологии. Но, најсилното оружје на полицијата не е технологијата, туку чесните, обучени, издржливи и професионални полицајци. Технологијата помага, опремата поддржува, но човекот е тој што ги носи одлуките, ја презема одговорноста и ја штити довербата“, рече директорот на БЈБ.


Реакција од опозицијата

Во меѓувреме, од СДСМ реагираа дека додека министерот Тошковски зборува за безбедност, земјата тоне во насилство, криминал и скандали.

Опозициската партија обвинува за нефункционален безбедносен систем, потенцирајќи дека по серијата неуспеси во сферата на безбедноста и зголеменото насилство, Панче Тошковски треба да поднесе оставка.

(Извор: Алсат)