Лидерот на новооснованата партија „Албанско движење“, Зијадин Села, во најновото интервју за локалниот медиум на албански јазик „Полог њуз“, излезе со остри ставови за позицијата на Албанците во Северна Македонија. Тој нагласи дека во земјата постои двонационална реалност и упати итен повик за обединување на албанскиот политички фактор.
Според Села, институциите во државата мора да функционираат на два јазика, соодветно на македонската и албанската реалност. Тој децидно го отфрла наративот според кој Албанците се третираат како малцинска заедница.
„Албанците не можат да бидат третирани како малцинство, тие се автохтон народ кој учествува со повеќе од една третина во вкупното население. Албанците имаат капацитети да водат војна или да ја дестабилизираат државата, но и да ја одржуваат С. Македонија како стабилна. Без Албанците таа не може да има перспектива, ниту иднина“, изјави Села.
Обвинувања кон македонскиот политички блок
Осврнувајќи се на политичките пречки за остварување на правата, Села употреби остра реторика, посочувајќи дека Албанците во земјава се соочуваат со политички опструкции кои имаат за цел нивно угнетување.
„Тој непријател настојува секој ден да нѐ прави како граѓани од втор или трет ред. Нашиот главен политички непријател се оние од македонскиот политички блок кои ја оневозможуваат нашата рамноправност и кои нѐ спречуваат да го земеме она што ни припаѓа нам“, потенцира тој.
Повик за „заедничка маса“ на албанските лидери
Како што пренесува информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, интервјуто е искористено и како јавна платформа за повик до останатите албански лидери за итна координација. Села апелираше до лидерите на албанските парламентарни партии да седнат на „заедничка маса“ со цел продолжување на соработката..
„Ги поканувам лидерите на албанските парламентарни партии да ја свикаат заедничката маса, бидејќи имаме многу важни теми за дискусија. Им оставам на поголемите партии да организираат“, нагласи Села во интервјуто.
Тој ја истакна итната потреба од заедничко дејствување, наведувајќи дека актуелната ситуација бара директна комуникација меѓу сите албански политички сили во Северна Македонија.