Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, отпатува за Брисел на средби со високи претставници на Европската Унија со цел да ги информира за, како што велат од партијата, загрижувачките состојби за иднината на Северна Македонија – прекинот на европскиот пат, влошувањето на меѓуетничките односи и нарушувањето на основните принципи на Охридскиот рамковен договор.
Во изјава за ТВ21, поранешниот шеф на дипломатијата посочи дека за време на дводневниот престој во европската престолнина ќе разговара со претставници на Европската комисија задолжени за проширувањето, како и со европратеници.
„Дојдов да ги покренам двете главни прашања од Северна Македонија, кои се разочарувачки за иднината на земјата. Нарушувањето на Охридскиот мировен договор и прекинот на европскиот пат се две теми кои се темел на благосостојбата и сигурната иднина на граѓаните. Се надевам дека ова ќе го вклучи алармот и ќе го привлече фокусот на Европската Унија за да се прекинат овие динамики“, изјави Бујар Османи.
За својата агенда, Османи појасни дека опфаќа состаноци на највисоко ниво во европските институции.
„Во Брисел сум на средби на високо ниво во Европската комисија, со директорот за проширување, со кабинетот на Марта Кос, со службата за надворешна политика на ЕУ, како и со голем број европратеници од различни пратенички групи во Европскиот парламент“, додаде Османи.
Блокиран евроинтеграциски процес и домашни политички препукувања
Северна Македонија останува заглавена на нејзиниот пат кон ЕУ. За да го продолжи процесот и да ги отвори преговарачките поглавја, државата мора да ги усвои уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.
Во обид за деблокада, опозицискиот Европски фронт неодамна покрена парламентарна иницијатива за собирање потписи за уставни измени. Од коалицијата ги повикаа сите пратеници да дадат поддршка со цел откочување на евроинтегративниот процес на државата.
На оваа иницијатива одговори премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека ДУИ треба повеќе да се фокусира на сопствените внатрепартиски проблеми.
- „ДУИ треба да си работи на проблемите што ги има со кадрите и со програмата во партијата. Што се однесува до државните прашања, нив ги решава Владата“, истакна Мицкоски.