Властите во Северна Македонија континуирано пружаат воено-техничка помош за Украина, чекор кој предизвикува разочарување кај официјална Москва и, според руската дипломатија, оди на штета на македонските граѓани. Ова го истакна рускиот амбасадор во Скопје, Дмитриј Зиков, во своето најново интервју за руската новинска агенција ТАСС.
Осврнувајќи се на односите меѓу двете земји и поддршката која Скопје ја испраќа кон Киев, рускиот дипломат потенцираше дека помошта одамна ја надминала само политичката рамка.
„Локалните власти пронајдоа можност да му обезбедат на режимот во Киев повеќе од само политичка поддршка. За жал, мора да признаеме бројни случаи на обезбедување воено-техничка помош“, рече Зиков во интервјуто кое го пренесува и рускиот весник „Известија“.
Евроатлантскиот курс како главен мотив
Според амбасадорот Зиков, ваквата цврста позиција на официјално Скопје е директно диктирана од зацртаниот евроатлантски курс на државата, кој македонските власти континуирано го декларираат на сите нивоа.
Тој се повика и на досегашните изјави на македонските политички претставници, додавајќи дека Северна Македонија зазема водечка позиција меѓу земјите-членки на НАТО кога станува збор за обемот на воената поддршка за Украина, пресметана по глава на жител.
„Потезите не се во интерес на граѓаните“
На крајот од своето излагање, Зиков нагласи дека ваквите акции на македонските власти се крајно разочарувачки за руската страна.
Дипломатот изрази уверување дека ваквите политички и воени чекори, пред сè, не им служат на вистинските интереси на граѓаните на Северна Македонија, сугерирајќи дека надворешната политика на земјата е вон синхронизација со потребите на сопствениот народ..