Бугарија планира набавка на 12 ракетни системи EuroPULS преку европска одбранбена иницијатива

Бугарија планира да набави 12 реактивни артилериски системи за повеќекратно лансирање ракети EuroPULS (MARS 3) како дел од голема заедничка европска набавка што ја подготвува Германија во соработка со Израел. Информацијата ја објави бугарскиот дневен весник „24 часа“, повикувајќи се на германското специјализирано издание „Hartpunkt“.

Според достапните информации, договорот предвидува производство на околу 500 системи EuroPULS за потребите на германскиот Бундесвер и други европски земји членки на НАТО. Околу половина од системите ќе бидат наменети за германската армија, додека преостанатите ќе им бидат понудени на сојузничките држави под исти услови.

EuroPULS претставува современ ракетен систем кој е аналог на американскиот HIMARS. Првичниот план на бугарската армија бил да набави токму HIMARS системи, но поради долгите рокови за испорака се одлучила за европската алтернатива.

Бугарија не е единствената земја што покажува интерес за овој систем. Слични набавки веќе се реализираат или се планираат во Холандија и Грција, што укажува на поширок тренд на модернизација на артилериските капацитети во Европа.

Финансирањето на бугарската набавка е предвидено преку заем од европскиот механизам SAFE. Европската комисија веќе одобри заем во висина од 3,261 милијарди евра за девет големи модернизациски проекти на бугарските вооружени сили. Меѓу тие проекти се вклучени набавка на нови радари, системи за заштита од беспилотни летала, како и артилерија со НАТО-калибар од 155 милиметри.

Системите EuroPULS ќе ги произведува германската компанија KNDS во соработка со израелската компанија „Елбит системс“. Договорот предвидува и набавка на ракети со дострел до 150 километри, а во подоцнежна фаза и ракети со дострел до 300 километри.

Во меѓувреме, бугарскиот парламент ратификуваше и посебен договор со Соединетите Американски Држави за купување крајбрежни ракетни комплекси NSM. Вредноста на овој договор изнесува околу 620 милиони долари и претставува дел од пошироката стратегија за модернизација на бугарската одбрана..