МВР предупредува: Лажни СМС пораки за „Сејф сити“ казни ги измамуваат граѓаните

Министерството за внатрешни работи предупредува на нов обид за измама преку лажни СМС пораки кои наводно се испраќаат во име на институциите. Од СВР Охрид информираат дека во последниот период до нив пристигнуваат пријави од граѓани кои добиле пораки на своите мобилни телефони со известување за наводен сообраќаен прекршок.

Во пораките стои дека тие се испратени од Одделението за моторни возила при МВР и дека прекршокот бил евидентиран преку системот „Безбеден град“. На граѓаните им се нуди линк преку кој наводно можат да ги видат деталите за прекршокот и да ја платат казната. Во пораката се наведува и дека доколку казната се плати во рок од осум дена, истата ќе биде намалена за 50 проценти.

Од СВР Охрид потенцираат дека станува збор за лажни пораки и класичен обид за измама со цел противправно стекнување парични средства.

Полицијата апелира граѓаните да бидат внимателни и да не ги отвораат линковите во ваквите пораки. Исто така, се препорачува да не се контактира испраќачот, да не се споделуваат лични или банкарски податоци и да не се вршат уплати на парични средства.

Од МВР нагласуваат дека граѓаните треба да ги проверуваат информациите само преку официјалните канали на институциите и да пријават вакви сомнителни пораки доколку ги добијат..