Андреј Жерновски: ЕУ предупредува на токсично влијание од Русија и СНС во Македонија

На прес-конференција на СДСМ, членот на Извршниот одбор Андреј Жерновски предупреди дека Европската унија испраќа јасни сигнали за загриженост во однос на надворешните влијанија врз Македонија и застојот на евроинтегративниот процес. Според него, пораките од Брисел се најсилните досега и директно се однесуваат на состојбите во земјата.

Жерновски се осврна на изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која порача дека земјите кандидати мора да бидат отпорни на „токсично влијание“ од Русија и други актери, додавајќи дека Европската унија нема да дозволи „тројански коњи“ во своите редови.

„Граѓаните мора да знаат дека оваа порака, за жал, се однесува и на нашата земја. Токсично е влијанието од Русија, токсично е влијанието од Кина, а токсично е и влијанието од Српската напредна странка на Вучиќ“, изјави Жерновски, додавајќи дека СДСМ со месеци предупредува на ваквите ризици.

Тој посочи дека извештајот на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, дополнително ги потврдува овие загрижености. Во извештајот се наведува дека нема значителен напредок во владеењето на правото, правосудните реформи, борбата против корупцијата и состојбата со медиумите.

Според Жерновски, Македонија моментално има блокиран пат кон Европската унија, а владата, како што рече, намерно го одржува тој застој. „Пораките од Брисел се јасни, но наместо да работи на напредок, владата измислува непријатели, особено во соседството, со што дополнително се оддалечуваме од европската перспектива“, рече тој.

Жерновски предупреди и на, како што рече, растечките врски со проруски структури. Тој посочи дека се појавуваат проруски партии, како и средби на високи владини претставници со групи блиски до Кремљ, што, според него, веќе се забележува и во европските извештаи.

Дополнително, тој говореше за медиумската сопственост во земјата, тврдејќи дека околу 40 проценти од медиумите се под влијание на ВМРО-ДПМНЕ преку мрежа поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Жерновски се осврна и на финансиските врски со Кина, посочувајќи го унгарскиот кредит од една милијарда евра. Според него, не е случајност што Унгарија земала заем од Кина во ист износ во период кога Македонија обезбедила кредитна линија од една милијарда евра.

Тој оцени дека додека другите земји од регионот напредуваат кон ЕУ, Македонија останува во застој. „Албанија и Црна Гора напредуваат, а ние сме заковани на дното“, изјави Жерновски.

Притоа, потсети на анкети според кои околу 70 проценти од граѓаните ја поддржуваат евроинтеграцијата на Македонија. Според него, внесувањето на Бугарите како малцинство во Уставот не го загрозува македонскиот идентитет и јазик, како што тврдат, како што рече, од ВМРО-ДПМНЕ.

„Патриотизам е да ја внесете земјата во НАТО и да обезбедите сигурност за граѓаните. Предавство е да ја изолирате државата и да ја блокирате иднината на граѓаните“, истакна Жерновски.

Тој порача дека борбата за европската перспектива на Македонија ќе продолжи сè додека земјата не стане членка на Европската унија. „Нашата битка продолжува сè додека Македонија не влезе во Европската унија“, заклучи Жерновски..