Бугарија веќе е опфатена со заштита од противракетниот систем „Патриот“, кој е распореден во Северна Грција, изјави бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрјанов. Според него, батеријата на системот веќе е ставена во оперативно дежурство и обезбедува целосно покритие за регионот.
„Батеријата ‘Патриот’ веќе е во дежурство. Имаме целосно покритие. Ги извршивме и соодветните подготовки на нашиот систем за противвоздушна одбрана. Сето тоа го правиме не затоа што постои директна, непосредна воена закана за Бугарија. Ние сме должни и при потенцијални закани да преземаме мерки за нив“, изјави министерот Запрјанов, пренесува БНР.
Тој нагласи дека активирањето на системот е дел од пошироките мерки за засилување на воздушната одбрана и координацијата со сојузниците во рамки на регионалната безбедност.
Во однос на присуството на американски воени сили, Запрјанов појасни дека Соединетите Американски Држави досега не побарале распоредување на свои борбени авиони на територијата на Бугарија.
Министерот се осврна и на американските воено-транспортни авиони кои моментално се наоѓаат на Аеродром Софија, посочувајќи дека сè уште се водат разговори за тоа кога и каде тие ќе бидат преместени.
„Оваа задача не е толку итна, но ние ќе работиме да ја реализираме“, изјави Запрјанов.
Бугарските власти нагласуваат дека преземените мерки се превентивни и се дел од напорите за одржување на стабилноста и безбедноста во регионот..