Осум случаи на семејно насилство на 8 Март: Шест лица уапсени, дел биле пијани

На Меѓународниот ден на жената – 8 Март, полицијата евидентирала осум случаи на семејно насилство во повеќе градови низ државата. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во Скопје, Росоман, Кичево и виничко биле лишени од слобода шест лица, додека во дел од случаите сторителите биле под дејство на алкохол.

Во Скопје, на подрачјето на Карпош, полициски службеници во 23 часот го привеле 48-годишниот З.З., откако претходно било пријавено дека околу 22 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 44-годишна сопруга и притоа оштетил дел од покуќнината.

Нешто по полноќ, во 00:05 часот на 9 март, во истата скопска општина бил уапсен и 52-годишниот М.Д. Според пријавата, тој околу 16:30 часот истиот ден упатувал закани кон својата 47-годишна сопруга, со која бил во бракоразводна постапка, како и кон нивниот 17-годишен син. При тоа го оштетил и мобилниот телефон на сопругата.

Во друг случај во Скопје, 38-годишна жена пријавила дека во периодот од 6 до 8 март нејзиниот девер, 44-годишниот Г.В., преку мобилен телефон упатувал закани кон неа и кон членови на нејзиното семејство.

Исто така во главниот град, полициски службеници во 23:20 часот го лишиле од слобода 65-годишниот А.И., кој според пријавата околу 16 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 62-годишна сопруга, притоа користејќи тврд предмет.

Во уште еден случај, 41-годишна жена пријавила дека околу 15:30 часот во скопско била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер.

Семејно насилство било пријавено и во Росоман, каде што во 21:20 часот полициски службеници од ОВР Кавадарци привеле 69-годишен маж. Тој им се заканувал на својот 44-годишен син и снаа, а при интервенцијата кај него биле измерени 1,40 промили алкохол во крвта. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Кавадарци.

Во Кичево, пак, во 14:20 часот бил приведен 37-годишниот Р.С., откако претходно во семејниот дом физички го нападнал својот татко.

Полицијата интервенирала и во виничко село, каде што во 16 часот бил лишен од слобода 58-годишниот Б.Т. Тој, и покрај судската забрана да се приближува на помалку од 100 метри и да воспоставува контакт со поранешната партнерка, на 7 и 8 март во повеќе наврати ја пресретнувал во селската продавница, одел и во нејзиниот дом и ѝ упатувал закани.

При преземањето мерки било утврдено дека тој бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени дури 3,30 промили алкохол во организмот. Осомничениот бил задржан во полициска станица.

Надлежните институции информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави..