Таравари бара бришење на „албански терористи“ од спомен-плочата за загинатите кај Вејце

Не стивнуваат реакциите во јавноста и кај политичките партии од албанскиот блок откако министерот за одбрана, Владо Мисајловски, положи цвеќе на спомен-плочата во касарната „Илинден“, посветена на загинатите специјалци и полицајци во масакрот кај Вејце во 2001 година.

Претседателот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, излезе со остра реакција, барајќи итна промена на натписот на плочата, каде што стои: „Паднати во војна против албанските терористи“.

Таравари: УЧК не се терористи, јазикот на плочата е дискриминаторски

Според лидерот на АА, припадниците на ОНА (УЧК) биле борци за слобода, а не терористи. Тој нагласи дека ваквото обележје се наоѓа во државна институција, а не во приватен објект, што дополнително го проблематизира случајот.

„Кога министер на мултиетничка држава, а не приватно лице, положува цвеќе и оддава почит на спомен-плоча каде што јасно е видлив терминот „албански терористи“, тој со тоа ги навредува своите сограѓани идентификувајќи ја етничката припадност како криминална карактеристика. Ова, според кој било меѓународен стандард, е шовинистички и дискриминаторски јазик што мора да биде санкциониран“, изјави Таравари.

Тој директно го повика министерот Мисајловски да даде јавно објаснување и да ги искористи своите овластувања за да го отстрани она што тој го нарекува „говор на омраза“. Таравари додаде дека ваквиот речник ги навредува Албанците и ги крши принципите на Охридскиот рамковен договор, бидејќи касарната „Илинден“ е институција на мултиетничка држава каде секојдневно служат и војници, офицери и генерали од албанска националност.


Мисајловски: Со длабока почит се потсетуваме на хероите

Од друга страна, министерот за одбрана Владо Мисајловски, преку објава на социјалните мрежи, истакна дека чинот на положување цвеќе е оддавање почит кон оние кои го дале највредното за татковината.

„Во касарната „Илинден“, пред спомен-обележјето на баталјонот за специјални сили, положивме венец со свежо цвеќе и оддадовме почит на Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костески. Пред 25 години, четворицата армиски припадници заедно со уште четворица припадници на Министерството за внатрешни работи трагично ги загубија своите животи во одбрана на татковината кај месноста Вејце. Нивната жртва засекогаш останува дел од нашето сеќавање. Храброста и пожртвуваноста што ја покажаа не обврзуваат да паметиме, да оддаваме почит и да ја чуваме татковината“, напиша Мисајловски..


Потсетување на трагедијата кај Вејце

Масакрот кај Вејце се случи на 28 април 2001 година, што претставува еден од најтрагичните настани од конфликтот таа година. Во заседа беа убиени вкупно осуммина припадници на македонските безбедносни сили – четворица припадници на воената елитна единица „Волци“ и четворица полицајци од ОВР Битола:

  • Роберт Петковски (27)
  • Игор Костески (26)
  • Миле Јаневски (30)
  • Бобан Трајковски (28)
  • Марјан Божиновски (27)
  • Илче Стојановски (24)
  • Бошко Најдовски (25)
  • Кире Костадиновски (24)