Тежок и вознемирувачки случај ја потресе јавноста откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар објави дека покренува постапка против 14-годишно момче. Малолетникот е осомничен за сторено продолжено кривично дело – родосквернавење, извршено врз неговата малолетна сестра.
Според деталите од Обвинителството, настаните се случиле во текот на февруари 2026 година. Детето, кое сега е во судир со законот, го искористило отсуството на своите родители од домот и во два наврати, против нејзината волја, ја принудило својата 13-годишна сестра на сексуални односи.
Од ОЈО Гостивар откриваат дека физичката злоупотреба била претходена од вознемирување. Истрагата покажала дека малолетниот брат подолг временски период ѝ испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на својата помлада сестра пред да го изврши делото.
Поради сериозноста на делото и фактот што се работи за малолетни лица во иста семејна средина, надлежниот јавен обвинител веднаш реагирал со барање за строги мерки за осомничениот со цел да се спречи понатамошна траума.
„Имајќи ги предвид законските основи и особено неопходната потреба од заштита на жртвата, јавниот обвинител достави и посебен предлог за определување мерка притвор за детето кое е во судир со законот“, соопштија од Основното јавно обвинителство во Гостивар.
Јавниот обвинител веќе поднел Барање за поведување подготвителна постапка, а судот допрва треба да се произнесе по предлогот за одредување притвор за 14-годишникот..