Мицкоски: Македонија меѓу петте економии со најголем раст во Европа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека економијата на Македонија бележи значителен напредок и дека земјата се наоѓа меѓу петте европски економии со највисок економски раст. Според него, 2025 година Македонија ја завршила со позиционирање во првите пет земји во Европа по раст на бруто домашниот производ (БДП).

Мицкоски истакна дека овие податоци се базираат на статистиките на Евростат, според кои Македонија се наоѓа веднаш зад Ирска, Малта и Кипар, заедно со Полска. Слична ситуација, како што посочи премиерот, имало и во 2024 година.

„Пред шест или седум години бевме на дното во регионот, а денес сме лидери во регионот и меѓу петте земји во Европа според процентот на раст на бруто домашниот производ“, изјави Мицкоски во интервју за телевизијата Ora 24.

Тој нагласи дека економските резултати се поврзани со инфраструктурните проекти и инвестициите, меѓу кои изградбата на коридорите 8 и 10Д, како и со подобрените економски параметри во земјата.

Премиерот посочи дека позитивните економски трендови продолжуваат и на почетокот на 2026 година. Според него, во првите два месеци од годината е забележан двоцифрен раст на приходите во државниот буџет, што укажува дека економијата функционира стабилно.

„Во првите два месеци од годината имаме двоцифрен раст на буџетските приходи, што значи дека економијата се движи во добра насока. Се плаќа данокот на додадена вредност, има помалку сива економија, како во увозот така и во внатрешниот промет“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека компаниите остваруваат поголеми профити, што се гледа и преку зголемувањето на данокот на добивка во споредба со минатата година. Истовремено, зголемени се и придонесите, што укажува на пораст на приходите на вработените.

Според премиерот, приходите на граѓаните се зголемиле за околу 12 до 13 проценти, што дополнително придонесува за економската стабилност.

„Апсолутно почетокот на годината ветува многу добра економска година“, нагласи Мицкоски.

Сепак, тој посочи дека економските движења ќе зависат и од глобалните фактори, особено од развојот на настаните на Блискиот Исток и нивното влијание врз енергетските ресурси и светската економија.