Мицкоски: Албанците се додадена вредност, албанскиот јазик и химната треба да нè обединуваат

Во изјава што привлече големо внимание во јавноста, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, упати пофални зборови за албанската заедница во државата, нагласувајќи дека таа претставува значаен столб во изградбата на современо и прогресивно општество.

„Од Мајка Тереза до Ферид Мурад“

Мицкоски се осврна на историскиот и научниот придонес на Албанците, посочувајќи личности со светско реноме како Мајка Тереза и нобеловецот Ферид Мурад. Според него, ваквите примери се доказ за потенцијалот што ја збогатува Северна Македонија на меѓународната сцена.

„Нашите сограѓани Албанци имаат дадено значаен придонес за човештвото. Овој придонес се гледа секојдневно – од спортот и националната фудбалска репрезентација, до економијата преку даноците и дознаките што го полнат заедничкиот буџет,“ се наведува во неговата изјава.

Предлози за државните симболи

Особено внимание предизвикаа неговите наводни ставови за можни промени во државните симболи. Според информациите, Мицкоски предложил поголема инклузија на албански елементи во химната, грбот и знамето, како и целосна примена на албанскиот јазик на целата територија на државата.

„Колку повеќе ги почитуваме и гарантираме правата на Албанците, толку повеќе тие ќе ја сакаат оваа држава, без страв или чувство дека им се заканува нешто негативно,“ се цитира премиерот.

Учење на албанскиот јазик

Во духот на меѓуетничко разбирање, премиерот наводно започнал да учи албански јазик, со цел подобра комуникација со сограѓаните и пристап до албанската литература во оригинал…

ЗАБЕЛЕШКА: Доколку сте изненадени или воодушевени од оваа вест, ве потсетуваме дека денес е 1 април – Денот на шегата!