Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување на Ora24.tv истакна дека европскиот пат на државата е јасно дефиниран, но дека актуелната власт свесно го блокира процесот на евроинтеграции.
„Нашиот пат кон Европа е познат и јасен. Тоа се обврските што треба да се исполнат, а кои оваа влада не ги реализира“, порача Филипче.
Тој нагласи дека уставните измени, вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот, не претставуваат закана за македонскиот јазик и идентитет.
„Ставањето на малцинствата во Уставот не се однесува само на Бугарите, туку и на други заедници, како Хрватите и други. Тоа е чекор што не го загрозува ниту јазикот, ниту македонскиот идентитет“, изјави Филипче.
Според него, вистинскиот ризик за државата не се уставните измени, туку блокадата на процесот за членство во Европската Унија.
„Ако овие чекори не се направат, ризикуваме сериозни последици за иднината на државата во наредните години“, додаде тој.
Филипче ја повика власта да не шири страв кај граѓаните, туку да покаже политичка храброст и да ги спроведе преземените обврски, вклучително и оние од Францускиот предлог.
Во тој контекст, тој ја отвори и темата за расчистување со минатото.
„Во рамките на францускиот предлог стои обврската за отворање на досиејата на УДБА. Зошто власта се плаши од тоа? Само преку транспарентност и соочување со минатото можеме да одиме напред“, истакна претседателот на СДСМ.
Тој заклучи дека исполнувањето на овие обврски е клучно за напредокот на државата и за продолжување на европскиот пат..