Филипче: Мицкоски нема капацитет да води држава

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостување во централниот дневник на МРТ 1 упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека „нема капацитет, желба ниту знаење како се води држава“.

Филипче нагласи дека наместо конкретни мерки за справување со економската криза и поддршка на граѓаните, јавноста сведочи на, како што рече, навредлив речник и дефокус од суштинските проблеми.

„Кога новинарите поставуваат прашања за мерките, премиерот одговара со навреди. Опозицијата и јас лично бевме нарекувани со навредливи термини. Срамота е да се користи таков речник. Наместо решенија, гледаме политичка реторика без суштина“, изјави Филипче.

Тој потенцираше дека економската состојба на граѓаните се влошува, додека Владата, според него, не презема доволно конкретни чекори.

„До пред кризата, една или две минимални плати не беа доволни за потрошувачката кошничка, сега ниту три не се доволни. Имаме сериозен раст на цените – горивата пораснаа за над 40%, основните прехранбени производи за околу 10%, а овошјето и зеленчукот и до 200%. Сè е поскапено, а владата ништо не прави“, истакна тој.

Во интервјуто, Филипче предупреди и дека кризата допрва ќе се продлабочува, повикувајќи се на анализи од европски енергетски институции.

„Според состанок на министрите за енергетика на Европската унија, кризата допрва доаѓа. Дури и ако веднаш заврши геополитичката нестабилност, летото може да донесе уште поголеми предизвици. Владата повторно не презема ништо – само набљудува“, рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ нуди конкретни предлози за справување со кризата, но според него, тие не се земаат предвид од актуелната власт.

„Очигледно е дека нема капацитет ниту волја да се слушнат решенијата. Граѓаните го чувствуваат товарот, а институциите не реагираат“, заклучи претседателот на СДСМ.