Претседателот на СДСМ ги обвини владејачката партија и премиерот за злоупотреба на името на великанот и порача дека наскоро доаѓа времето на правдата и одговорноста.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето на годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, упати жестоки критики на адреса на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Лидерот на опозицијата директно ја обвини власта дека континуирано го злоупотребува името на најпознатиот македонски деец.
„Ако Гоце Делчев денес беше жив, би се срамел од оние што се повикуваат на неговото име додека уништуваат сè за што тој се бореше. Тој лично би се борел против Мицкоски, против оваа денешна криминална група ВМРО и сè она што тие го претставуваат“, изјави Филипче.
Тој направи остра паралела помеѓу идеалите за кои животот го положил Делчев и, како што рече, вистинските приоритети на денешната власт. Според Филипче, додека Делчев се борел за слобода, правда и рамноправност, денешното ВМРО-ДПМНЕ својата борба ја води за „тендери, заштита на криминалци и бугарски пасоши во џебовите“.
Филипче нагласи дека СДСМ денешната годишнина ја одбележува со искрена почит кон идејата на Делчев за слободна и праведна Македонија, испраќајќи порака за промени во општеството.
„Наскоро доаѓа времето на правдата и одговорноста и некои подобри времиња и идеали за кои се бореше Гоце Делчев“, порача лидерот на СДСМ.
Во своето обраќање, тој заклучи дека партијата нема да отстапи и ќе ја продолжи заедничката борба со граѓаните за „демократска и европска Македонија – праведна и слободна земја каква што ја сакаше Гоце Делчев“..