Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска по повод 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот, порача дека Македонија повторно се соочува со политики на изолација, лаги и пропаганда, зад кои стои ВМРО организираната криминална група.
Филипче истакна дека СДСМ своите корени ги влече од антифашистичката борба, додека ВМРО соработуваше со фашистите а денес користи методи на пропаганда и манипулација.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги влече своите корени во антифашистичката борба преку борбата на партизаните, дадените животи, изградбата на државата. ВМРО соработуваше со фашистите и сега користи гебелсови методи за комуникација, ширење лажни вести, оцрнување луѓе, идентификување на лажни внатрешни предавници и надворешни непријатели“. рече Филипче.
Во таа насока, тој порача дека Македонија ќе извојува нова победа над политиките на изолација и криминал, нова победа над фашизмот а тоа е победа над ВМРО-ОКГ.
„Очигледно е дека се отвара простор, дека ќе извојуваме уште една победа над фашизмот, а во нашите услови тоа е победа врз ВМРО организираната криминална група којашто не ја сака Европа, којашто сака да не држи изолирани и сиромашни“, порача Филипче..