Рокас: Без внесување на Бугарите во Уставот, земјата ризикува да заостане во процесот на проширување

Европа е изградена на ветувања, слобода, еднаквост и демократија. Денес, во свет на конфликти и економски притисоци, мора да ги одбраниме овие вредности дома и во странство, истакна евроамбасадорот Михалис Рокас во своето обраќање на свеченоста одржана во дворот на Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Ова е ден, нагласи тој, кога треба да се подвлече стратешкото значење на проширувањето на Европската Унија, со цел да се обезбеди мир, просперитет и долгорочна безбедност на континентот.

„Проширена ЕУ значи поголема геополитичка отпорност, зајакната енергетска независност, подобрена безбедност, но и поголема тежина на нашите заеднички вредности во турбулентните конфликти. Ова е ден кога треба да се потсетиме дека одлучноста ѝ помогна на Европа да ги преживее тие турбулентни времиња, како и дека тоа сме го правеле со децении и го правиме и сега“, рече Рокас.

Евроамбасадорот ја спомена и пораката на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, упатена до граѓаните на земјава, истакнувајќи дека тој ѝ се обратил на Северна Македонија како на идна земја-членка на ЕУ, испраќајќи силна порака за единство и одлучност.

„Знаеме дека сите заедно, со ваша помош и со континуирани реформи, ќе успееме да го направиме решавачкиот чекор за да ја донесеме земјата таму каде што припаѓа – во семејството на Европската Унија“, нагласи евроамбасадорот.

Како што посочи во својот говор, овој ден го означува крајот на најкрвавиот конфликт во историјата на човештвото и почетокот на новата ера за европскиот континент, заснована на визијата на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, кој предвиде просперитетна Европа. Затоа, подвлече тој, денес ѝ оддаваме почит на храброста на оние кои се бореа и на жртвите на оние кои ги загубија животите.

„Се сеќаваме не само на крајот на војната, туку и на раѓањето на Европската Унија, како моќна почит за оние кои ги жртвуваа своите животи… Денес сме решени јасно и одлучно да кажеме дека тоа никогаш повеќе нема да се случи“, истакна Рокас.

Според него, ова е воедно и можност да се потсетиме на лекциите што ги научивме од историјата на конфликтите на континентот, особено, како што нагласи, во контекст на руската агресија врз Украина, како и уште еднаш да ја изразиме нашата посветеност кон идеалите на основачите на ЕУ, кои денес се под напад.

„Мора да го поздравиме борбениот дух на Украинците, но и слободата за сите нас во Европа. Крајот на таа војна ќе спречи понатамошна агресија и поткопување на украинскиот суверенитет. Ова не се однесува само на Украина, ова се однесува на Европа и на Европската Унија во целина и е навистина многу важно. Сакам исто така да ѝ честитам на Северна Македонија што покажа вистински пример за поддршка на Украина во последниве години, додека агресијата продолжува“, изјави евроамбасадорот Рокас.

По завршувањето на својот говор, Рокас положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.