Тачи: Трамп е единствениот кој може да го принуди Путин да го признае Косово

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, смета дека американскиот претседател Доналд Трамп е клучната политичка фигура која може да донесе промена во ставот на Москва кон косовската независност.

Во неодамнешното интервју за емисијата „Опинион“, Тачи се осврна на актуелните геополитички прашања, позицијата на Косово на меѓународната сцена, како и на клучните билатерални односи со Соединетите Американски Држави.

Зборувајќи за глобалните политички динамики, тој истакна дека единствениот лидер кој има моќ да изврши влијание врз руската политика кон Приштина е токму Трамп.

„Доналд Трамп е единствениот кој може да го принуди Путин да го признае Косово“, децидно изјави Тачи.

Анализирајќи ја моменталната геополитичка ситуација, поранешниот косовски лидер оцени дека традиционално блиските односи меѓу Србија и Русија во моментов се разнишани. Според неговите зборови, ова создава нов моментум во регионот кој треба да се искористи.

На крајот од интервјуто, Тачи упати директна порака до актуелните косовски власти, сугерирајќи дека официјална Приштина би требало да иницира покана до претседателот Доналд Трамп за официјална посета на Косово.