Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, објави статус на својот Фејсбук профил кој привлече големо внимание. Имено, Ахмети оддаде почит кон револуционерот споделувајќи фотографија на која Делчев носи традиционално албанско кече (плис) и цитирајќи го неговиот биограф Пејо Јаворов.
Во својата објава, Ахмети потсетува на космополитската визија на Делчев, истакнувајќи дека неговата идеологија треба да послужи како пример за денешните политичари.
„Како денес, на 4 мај 1903 година, згасна Гоце Делчев, познат револуционер чиј живот и дело би требало да бидат лекција и за денешната политичка класа: ’Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите’ – беше неговата девиза“, пишува Ахмети на Фејсбук.
Покрај познатата мисла на Делчев, лидерот на ДУИ во фокусот ја става фотографијата на која револуционерот е облечен во специфична облека. За да ја контекстуализира сликата, Ахмети пренесува живописен опис направен од страна на Пејо Јаворов, еден од најпознатите биографи на Делчев.
„Во меѓувреме, неговиот најдобар биограф, Пејо Јаворов, пренесувајќи ја долната фотографија на Гоце, со бело кече (плис), го дава следниот опис:
’Белото арнаутско кече со црн шал, завиткано наоколу, не ја покриваше премногу главата. Сивото палто од шајак, сивите панталони од шајак и чакширите со боја на орев, подвиткани до колена во стегнатите опинци – ги истакнуваа правилните форми на неговата средна фигура. Затворената сива наметка, облечена само на левото рамо, полустегната и повлечена до половина на десната страна, ѝ даваше посебна божествена убавина на целата таа појава на гордост. Со кама, револвер и појас со куршуми на струкот, со манлихерата префрлена преку рамо, Гоце личеше на качачко божество.‘“
Својата објава по повод годишнината од загинувањето кај селото Баница, Ахмети ја заклучува со зборовите:
„Вечен нека е споменот за Револуционерот Гоце Делчев.“.