Владата предводена од Христијан Мицкоски ја задолжува државата со невидено темпо, оставајќи ги граѓаните сами да се справуваат со сиромаштијата додека јавниот долг урива историски рекорди, обвини денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според опозициската партија, економските политики на актуелната власт се промашени, а државната каса бележи целосен распад на јавните финансии.
Драстичен скок на задолжувањата
Од СДСМ истакнуваат дека за само две години мандат на Мицкоски, јавниот долг е зголемен за огромни 2,3 милијарди евра, со што сегашната сума изнесува историски највисоки 10 милијарди и 774 милиони евра.
„Само за првите три месеци од оваа година, направен е нов долг од 700 милиони евра. Да биде јасно: ова е чист, нов долг. Сè што е вратено е веќе одземено од пресметките – станува збор за нето задолжување, директно создадено од оваа неспособна и расипничка власт“, потенцираше Кузеска.
Клучни економски показатели според СДСМ:
- 700 милиони евра нов долг само во првиот квартал од годинава.
- 408 милиони евра буџетски дефицит во првите три месеци.
- Едвај 20% реализација на приходите, што според партијата покажува дека Владата само троши, а не создава нова вредност.
Нема пари за граѓаните, има за богатење на функционерите
Кузеска во своето обраќање го критикуваше односот на Владата кон работниците и нивниот стандард. И покрај енормните задолжувања од 2,3 милијарди евра, таа посочи дека власта одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра и не нуди никакви антикризни мерки за заштита на граѓаните од поскапувањата.
СДСМ ја обвини владејачката партија за насочување на јавните пари кон теснопартиски интереси. „Задолжувањата се само за криминални тендери и богатење. За нивните организирани шеми за извлекување пари, за авиони, часовници и бизнис мрежи. Ова е криминална власт која не работи за граѓаните, туку за сопствениот бизнис интерес на грбот на народот“, рече портпаролката на СДСМ.
Демант на тврдењата за „трета економија во Европа“
На прес-конференцијата, СДСМ директно ги отфрли неодамнешните изјави на премиерот Мицкоски за наводниот економски успех на државата. Реалноста, според Кузеска, е сосема спротивна – економијата тоне, а народот сè повеќе осиромашува.
„Економскиот дилетантизам на Христијан Мицкоски ја чини државата милијарди евра. СДСМ предупредува: ова е опасен и неодржлив пат кој води кон финансиска бездна и неизвесност. Граѓаните денес плаќаат со својот стандард, а утре овој долг ќе го враќаат нивните деца“, заклучи Кузеска..
Извор: Прес-центар на СДСМ