Украина регистрирала речиси 11.000 случаи на употреба на хемиски средства од страна на руските сили од почетокот на целосната инвазија, пренесува БТА, повикувајќи се на агенцијата Укринформ.
На прес-конференција во Киев, полковник Артем Власјук, началник на одделот за „Граѓанска заштита“, изјави дека во околу 3.000 од регистрираните случаи украинските војници биле директно изложени на хемиски супстанци. Станува збор за солзавец K-51, RGVO, како и за експлозивни направи што содржат хлор и амонијак.
„Непријателот обично ја засилува употребата на хемиски агенси во реони каде што се водат офанзивни или јуришни операции и каде што се соочува со најсилен отпор. Целта е нашите бранители да бидат истиснати од утврдените позиции и ровови,“ нагласи Власјук.
Тој додаде дека, иако засега нема потврдени смртни случаи, секој инцидент се подложува на детална проверка – од разговори со војниците и анализа на нивната опрема, до оценка на местото на настанот.
Игор Дијак, вршител на должноста командир на дирекцијата, предупреди дека реалната бројка на засегнатите може да биде значително повисока. „Податоците ги опфаќаат само официјално документираните случаи од нашите специјализирани тимови, често во соработка со медицински лица и претставници на безбедносните служби, вклучително и Службата за безбедност на Украина,“ рече тој. Според него, во дел од ситуациите не било можно навремено евакуирање на војниците за да се потврдат симптомите на хемиска изложеност.
На 15 септември во Украина се одбележува Денот на специјалистите за заштита од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани.
Досега Москва не реагирала на овие обвинувања. Тврдењата на двете страни не можат независно да се потврдат.